Професорката Мирјана Најчевска реагира на изјавата на советникот на премиерот, Исмет Рамадани, кој во емисија на ТВ Алфа вчера изјави дека не може да гарантира за однесувањето на Албанците доколку Македонија ја пропушти шансата за членство во НАТО и ЕУ.
„Исмет, вака те учеа? За кого зборуваш? За граѓани на Македонија кои се родиле и израснале овде, чии корени се длабоко навлезени во ткивото на изградбата на македонската државност, или за некоја група која случајно залутала на овие простори?
Или си државнотворен народ и тогаш ја следиш судбината на државата и се обидуваш да ја направиш што е можно подобра за сите граѓани, или си случајно залутан намерник кој никако не може да биде дел од ткивото на државнотворноста.
Мора да се решиш.
А да не зборувам за граѓанството и за граѓанскиот модел, кој го газиш и така лесно го ставаш на олтарот на етно-национализмот.
Ние граѓаните на Македонија од сите вери и етницитети, заслужуваме подобро и ќе се избориме за подобро. А вие етно-националистите немате место во таа приказна, освен да не влечете упорно наназад“, напиша Најчевска.
Рамадани претходно изјави дека неговиот став не е предупредување, туку само мислење.