Претставници на синдикални организации на вработени во здравствениот сектор денеска пред ФЗОМ ќе побараат исплата на платите за јануари и ќе информираат за следните чекори доколку не ги добијат парите во текот на денов.
Најави за протест поради неисплатените плати има од докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар од ГОБ „8 Септември“ и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и од други здравствени организации низ земјава.
Јануарските плати на вработените во здравството доцнат поради хакираниот систем на Фондот. ИТ-системот на ФЗО прекина со работа на 6 февруари откако беше цел на сајбер-напад.
ФЗО во четвртокот побара сите јавни здравствени установи да достават податоци за вработените за да може да им се исплати плата.
Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека доколку до понеделник не се реши проблемот, платите за здравствениот кадар ќе се обезбедат од Централниот трезор, а потоа ќе се порамнат со трезорот на Фондот за здравствено осигурување.
Уверување дека ќе биде надминат проблемот со хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување, вчера искажа и премиерот Димитар Ковачевски. Во интервју за МИА кажа дека се ангажирани домашни и експерти од земјите – членки на НАТО.