Цените на нафтата денеска скокнаа на 112 долари за барел поради загриженоста за снабдувањето, откако ЕУ ги соопшти новите пакет санкции кон Русија, вклучувајќи го и ембаргото на нафта, а водечките производители повторно ги отфрлија повиците за забрзано зголемување на производството.
Цената на барелот на лондонската берза денеска скокна за 1,59 долари во однос на претходното затворање, на 111,73 долари.
На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по цена повисока за 1,30 долари, од 109,11 долари.
Пазарите се загрижени поради предлогот на ЕУ за нови санкции кон Русија, вклучително и постепено укинување на увозот на нафта и деривати во рок од шест месеци, до крајот на годината. Предложена е и забрана за сите транспортни и осигурителни услуги за транспорт на руска нафта.
-Пазарот на нафта не ги вклучи целосно во цените потенцијалните последици од нафтеното ембарго на ЕУ, така што можеме да очекуваме уште повисоки цени на суровата нафта во летните месеци доколку тоа се преточи во закон, изјави Бјорнар Тонхауген од „Ристад енерџи“.
Француската министерка за животна средина и енергија Барбара Помпили изјави дека е уверена дека членките на ЕУ ќе постигнат консензус за санкциите до крајот на неделата. Предлогот мора да биде поддржан од сите 27 земји на ЕУ.
-Планираното нафтено ембарго на ЕУ претставува огромен логистички предизвик за нафтените пазари, изјави Калум Макферсон од „Инвестек“.
„Пренасочувањето на руските барели од Европа кон купувачите во Азија, во услови на санкции, е веќе толку тешко што самата Русија призна дека нејзиното производство значително ќе опадне“, додаде Мекферсон.
Јапонија предупреди дека ќе има проблеми доколку веднаш престане да увезува руска нафта поради инвазијата на Украина.
Поддршка на цените денеска дадоа и Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, вклучително и Русија, со одлука за континуирано скромно зголемување на производството, придружено со забелешка дека тие не се виновни за прекините во испораките на руска нафта.
Игнорирајќи ги повиците од западните земји на пазарите да извадат повеќе нафта, групата одлучи во јуни да го зголеми производството за 432.000 барели дневно, како и во претходните месеци, во согласност со планот за укинување на ограничувањата во 2020 година, првата година од пандемијата на Ковид-19.