Детскиот фестивал „Поточиња“ кој на македонската сцена за прв пат се појави во 2004 година, го најави своето ново издание. Како што информираат од организацијата, на 12-ти и 13-ти април во Филхармонија во Скопје по 22-ри пат на големата сцена ќе блеснат единствените „Поточиња“ и ќе ја донесат омилената детска музичка приказна на сите генерации.
– Со многу љубов и внимание подготвивме нови песни кои со нетрпение чекаме да Ви ги отпееме, а фантастичниот Поки (актерот Мартин Јорданоски) е задолжен за атмосферата на фестивалските денови да биде на највисоко ниво. Затоа, Ве каниме сите заедно да играме, да пееме, да се смееме, да се радуваме и да се забавуваме, велат организаторите на фестивалот.
Билетите се пуштени во продажба, и до 28-ми март се продаваат по цена од 400 денари, а пак од 29-ти март цената ќе биде 450 денари.
Како потсетување, минатогодишното издание „Поточиња 2024“ одржа дури седум фестивалски претстави во Филхармонија на кои присуствуваа над 6.500 деца.
Фестивалот годинава доби финансиска поддршка од Министерството за култура на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата. Станува збор за сума од 255.000 денари, односно околу 4.100 евра.
Вики Клинчарова