Најавени се аудиции, се бараат идни музички ѕвезди!

by Fokus

За сите дечиња, кои се можеби идните музички ѕвезди на мини-детската естрада, можеби најомилените делови од годината им се месеците кога започнува лоцирањето на нови музички таленти за детскиот фестивал „Поточиња“, велат од организацијата на популарниот фест, и ги најавуваат новите аудиции.

-Со голема радост и задоволство, организаторите најавуваат нов серијал од аудиции, кој ќе трае од 11-ти до 13-ти септември 2024 година, во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ (населба Аеродром), за прием на нови членови – учесници на новото фестивалско издание „Поточиња 2025“.

Идните Поточиња ќе биде потребно да отпеат една омилена песна по избор и притоа да понесат широка насмевка бидејќи мисијата на Поточиња е среќни, весели и безгрижни деца.

Аудицијата ќе се одржи во наведените три дена (11.-13.09.2024) во период од 18:00 до 19:00 часот, а самото пријавување се врши на лице место. Аудицијата е за деца на возраст од 5 до 10 години, информираат од фестивалот.

Инаку, последното 21-во издание на фестивалот, дури седум пати ја исполни до последното место големата сала на Македонската Филхармонија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости