Почитувачи на делото на легендарниот рокер, поет и сликар, Симеон Иванов – Канго, во негова чест најавија дека ќе продолжат со настаните ,,Мактеон’’ и ,,Орфејски мистерии’’ чиј главен иницијатор и организатор беше тој во годините наназад. За таа цел, негови пријатели, со поддршка од семејството на Канго, неодамна соопштија дека формирале Иницијативен одбор, кој ќе се залага да се продолжи делото на познатиот музичар, односно да се заложи да го организира 23тиот Космополитски Собор ,,Мактеон’’ на петти и шести мај годинава.
Ненад Стојанов од одборот ја објави и предвидената програма на настанот – На ден 05.05.2018 година, сабота, од 17:00 часот – фолклорно дефиле низ улиците на градот и настап на ансамбли на летната сцена на НУЦК „Бели Мугри“, Кочани. Во 20:00 часот – Рок Трибјут настан „Орфејски мистерии“ , на летната сцена на НУЦК „Бели Мугри“, Кочани. На ден 06.05.2018 година, недела, на Дабот, село Бели, Голем народен собор, Симболично палење на оганот на вечноста со рецитал, Играорни групи, Поетско излагање и говор во чест на хероите. Тој упати и јавен повик до сите граѓани, здруженија и правни лица кои сакаат да бидат дел од одборот и да помогнат во реализација на настанот, но и до рокерите кои имаат желба да настапат на рок хепенингот „Орфејски мистерии“ на ден 05.05.2018, сабота.
Сепак, по средбата на Иницијативниот одбор, Стојанов ни изјави дека за жал, нема да има ништо од предвидениот настан во чест на Канго.
-Иницијативниот одбор до сега имаше состанок. Нема да има ништо од настанот, но не можам да ви откријам детали. Многу ми е жал што пропадна, а имав голема желба да се случи. Утре и официјално се ќе се знае, ама јас како локомотива на целата работа, се повлеков – ни изјави Стојанов.
Симеон Иванов – Канго почина во март, годинава, по тешко боледување. Со своето културно движење,, Мактеон’’ организираше голем број на средби и ја промовираше македонската култура, нација и јазик, а рок хепенингот ,,Орфејски мистерии’’ се одржуваше повеќе од 20 години во Кочани.
Вики Клинчарова