Најавен концерт во чест на Тоше, Кире Костов и Драган Каранфиловски-Бојс: Засекогаш во срцата!

by Fokus

Најавен концерт во чест на Тоше, Кире Костов и Драган Каранфиловски-Бојс:

Засекогаш во срцата!

Битолскиот камерен оркестар најави концерт во чест на Тоше Проески, Кире Костов и Драган Каранфиловски – Бојс. Настанот е насловен ,,Засекогаш во срцата” и ќе се одржи Центар за култура Битола, на 16-ти февруари, со почеток од 19.30 часот.

Како што информираат од оркестарот, публиката ќе има можност да ужива во музиката на овие тројца легендарни ликови од музичката сцена, а билетите за настанот по цена од 400 денари, ќе бидат пуштени во продажба од понеделник.

Музичките легенди, чии песни ќе се изведат, се личности кои оставија голем траг на нашата сцена. Тоше Проески, кој почина на 27-годишна возраст во 2007 година, зад себе остави ризница од забавни хитови кои и денес се актуелни во целиот регион.

Драган Каранфиловски-Бојс, пак, кој почина на 59-годишна возраст во 2015 година, освен како пејач, доста беше застапен и како автор на стотици хитови кои ги отпеаа наши познати музичари.

„Валерија“, „Опасно сум вљубен во тебе“, „Ајде лулај ме нежно“, „Бели нарциси“ се дел од неговите песни, а создаде и голем број на детски хитови – „Наташа од трето три“, „Ало амбуланта“, „Зоки ме моли да се возиме“, „Прва љубов“, „Слатка е Марија на Бундеви“, „Боби баш ми е гајле“ и други.

Композиторот Кире Костов почина лани во јуни, на 73-годишна возраст.Тој се потпишува на над 300 популарни поп хитови, помеѓу кои „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Тонови тајни“, „Ти пеам песна“, „Рум,дум,дум“, „Љубовна религија“, „Што те нема“ и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости