Општина Неготино денес излезе со објава за отуѓување на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата, по пат на електронско јавно наддавање.
Станува збор за девет големи парцели кои се наоѓаат на доста атрактивни локации, и на истите е предвидена изградба на станбени згради од пет плус еден кат, како и парцели за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија, односно трговски објекти, стоваришта, фабрики…
Како што појаснува за ,,Фокус” неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, почетната цена на градежните парцели од А1- домување во станбени куќи, е едно евро, додека на парцелите за изградба на објекти со намена Г4 – стоваришта и Г2- лесна и незагадувачка индустрија, почетната цена е околу 12 евра за метар квадратен.
Заинтересираните физички и правни лица можат да поднесат пријава за учество на јавното наддавање по електронски пат преку информацискиот систем поставен на интернет страницата www.gradezno-zemjiste.mk.
Купувачите на парцелите, потоа со договор се обврзуваат во рок од девет месеци од извршената солемнизација на договорот, да прибават одобрение за градба на предвидените објекти согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено, за градежни парцели до 5.000 метри квадратни, односно 12 месеци за парцели над 5.000 метри квадратни, и се должни да го изградат објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено, во рок согласно со Законот за градење.
Тоа би значело дека Неготино во наредните години треба да добие повеќе нови станбени згради, трговски објекти, фабрики и стоваришта на атрактивни локации.
Повеќе информации за парцелите и за електронското јавно наддавање можат да се најдат на официјалната страница на општината: https://negotino.gov.mk/%d0%be%d0%b1%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%b0-01-2024-%d0%b7%d0%b0-%d0%be%d1%82%d1%83%d1%93%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d0%b3%d1%80%d0%b0%d0%b4%d0%b5%d0%b6%d0%bd%d0%be-%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98/
Вики Клинчарова