Неготинските пензионери денес го блокираа влезот и излезот на градот, во знак на револт поради минималното покачување на пензиите. Групата вели дека нивните блокади и протести продолжуваат се до усвојување на нивните барања за покачување на пензиите за 5.000 денари и 18.000 денари минимална пензија.
Пред присутните се обратија повеќе пензионери, кои потсетуваат дека во 2014 година имале пензија од околу 7.000 денари, а денес истата била 13.000 денари. Прашуваат дали властите знаат колку изнесувал кубик дрва за греење во 2014 година, а колку изнесува сега, и дали се свесни дека цената е покачена за 400 посто.
– Конкретно во Неготино, ништо нема, ништо не се отвори да се вработи народ. Млади, работоспособни се на грбот на своите родители пензионери. Како мисли власта дека ние живееме? Кого убедуваат дека со 12.000 денари може да се живее? – прашуваат.
Потсетуваат и на покачувањата на платите на јавните функционери, кои имаат месечни примања од над 1.000 евра, и разочарано констатираат дека од најадени функционери не можат да очекуваат да им веруваат на гладните пензионери.
– Сит гладен не верува, не џабе е кажано тоа. Пензионерските денови за многумина од нас минуваат во сиромаштија. Скратени ни се основните животни потреби, кратиме на храна, на греење, на лекови!
Зошто цел работен век плаќавме придонеси за оваа држава? За да гледаме како функционерите по скратени постапки си зголемуваат плати за по 1.000 евра, за да се спасуваат меѓусебно со носење на закони за прогледување низ прсти на нивната корумпираност, па и да ни покачуваат цени на основни намирници преку ноќ?
Ние нема да запреме. Ако младите се разочарани и сметаат дека нема ефект од блокади и протести, ние ќе ја водиме нашата битка за достоинствена старост и продолжуваме со протести до исполнување на нашите барања. Не бараме погача преку леб, оти и лебот веќе ќе ни стане луксуз – порачаа.
Најавија нов протест во вторник, и кажаа дека освен блокади, ќе шетаат и низ градскиот пазар, за што е можно повеќе народ да дознае за нивната битка.
Вики Клинчарова