Откако денеска ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, не се појави на свеченото доделување на наградите за најдобар научник од Македонија за 2016 година, наградените професори навредени си заминаа од свечената сала на Ректоратот на УКИМ.
Настанот го напуштаме затоа што ова го сфаќаме како навреда за сѐ она во што сме се вложиле и за сѐ она за кое денеска требаше да се гордееме и да добиеме свечена награда. Не само што не бевме правовремено известени дека сме избрани, не само што не бвме правовремено известени дека сме поканети на овој настан, не само што настанот се одолговлекуваше и се закажуваше во 11, па во 11.30, па во 13 часот, а сега половина час тече ректорската конференција која очигледно ректорот и на инсистирање на членовите не сакал да ја прекине и да дозволи половина час свеченост, туку ја продолжил ректорската конференција. Така што јас и некои од наградените сметаме дека ова е навистина навреда и дека тие не го заслужуваат нашето присуство – изјави професорката од Медицинскиот факултет Љубица Георгиевска –Исмаил, која е избрана за научник на годината од областа на медицинските науки.
Церемонијата беше закажана за 13 часот, а која претходно неколку пати била презакажувана, не се одржа ни половина час подоцна кога дел од наградените професори демонстративно го напуштија Ректоратот.