Синоќа во Струмица беше затворен 32-от Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Наградата за најдобро актерско остварување, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, која дополнително ќе била врачена, ја доби Долорес Лео Поповиќ.
Истата е за улогата на Ања во претставата „Кенди“, според романот на Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, независна продукција „Златен Елец“ од Скопје. Претседателот на фестивалското жири, Јордан Симонов, истакна дека уметноста – театарот, инспирира во изградбата на подобар и поправеден свет.
-Бавејќи се со неопходноста на преиспитување и толкување на современоста, преку еден ненападен, суптилен актерски јазик Долорес Лео Поповиќ естетски го обликува проблемот и општественото-политичките односи во кои живееме, создавајќи автентичен моќен лик што покрај актерска естетика и слобода во уметничкото креирање постанува клучно средство за постигнување и негување како на општествената така и на индивидуалната способност за емпатија, но и за постигнување на општествена акција, зашто уметноста – теaтарот е оној којшто инспирира во изградбата на подобар и поправеден свет, порача Симонов.
Вики Клинчарова