Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја добија наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“ во организација на Македонскиот институт за медиуми, за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.
Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории – најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.