Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари се искачија на 93 долари, бидејќи приспособливата монетарна политика на Кина ги засени стравувањата дека високата инфлација и трошоците за енергија може да ја турнат светската економија во рецесија.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 97 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 92,60 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 85 центи поскапо, по 86,46 долари.
На почетокот на неделата, трговците се фокусираа на мерките со кои кинеската централна банка се обидува да ја поддржи економијата задушена од строгата владина политика на нулта толеранција за ковид.
Во понеделникот банката го продолжи рокот на отплата на среднорочните кредити и ги задржа каматните стапки на сегашното ниво, втор месец по ред, сигнализирајќи дека има намера да продолжи со стимулативна монетарна политика.
Во исто време, Пекинг значително ќе го зголеми капацитетот за домашно снабдување со енергија и ќе ја зајакне контролата на ризикот во снабдувањето со клучни суровини како јаглен, нафта, гас и електрична енергија, изјави висок претставник на Управата за енергетика.
Кинеското биро за статистика треба да ги објави податоците за трговијата и БДП за третиот квартал оваа недела. Извештајот за економската активност може да покаже закрепнување од претходниот квартал, но годината може да биде најлоша во речиси половина век, забележува Ројтерс.
Значителниот раст на цената на нафтата денеска беше запрен од силниот долар и очекувањата дека американската централна банка би можела повторно силно да ги зголеми клучните каматни стапки со цел да ја ограничи инфлацијата.