Русија најмногу извезува нафта во Европа и во Кина, кои заедно сочинуваат 90 отсто од вкупниот извоз на земјата. Тоа ја оневозможува Европа да донесе слични забрани за рускиот увоз како САД, што ја намалува тежината на американскиот економски удар врз Москва околу руската нафта.
Инаку, Русија е најголемиот светски извозник на нафта на глобалните пазари и втор по големина извозник на сурова нафта зад Саудиска Арабија, извезувајќи околу 2,85 милиони барели дневно по морски патеки и цевководи, според Меѓународната агенција за енергија.
Но каде е Северна Македонија на овој пазар и колку сме ние моќни како држава да издржиме санкции кон Русија, кои би повлекле и контрасанкции кон земјава?
Нафтата од Грција, гасот од Русија
-Околу 80 до 90 проценти од нафтените деривати во земјава ги набавуваме од Грција и се надеваме дека снабдувањето со нафтени деривати ќе биде стабилно, иако и Грција делумно набавува руска нафта. Доколку во Грција би имало проблеми во снабдувањето со нафтени деривати, тогаш тоа би се рефлектирало и кај нас, но сега за сега снабдувањето е стабилно, велат за “Фокус” од Регулаторната комисија за енергетика.
Во однос на природниот гас, пак, земјава 100 проценти од потребите ги обезбедува од Русија.
-Мали количини за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот т.н виртуелен гасовод во Струмица се увезуваат од Бугарија. Освен домаќинствата во главниот град кои се приклучени на топловодната мрежа, исто така, и голем дел од индустриските капацитети лоцирани во ТИРЗ Скопје, но и низ целата земја го користат природниот гас. Во овој момент, снабдувањето со природен гас е стабилно. Те-То и БЕГ работат на руски природен гас. Ако се сопре набавката на природен гас од Русија, нема да биде можно нормално функционирање на Северна Македонија, појаснуваат од РКЕ.
Од Регулаторна додаваат дека во однос на снабдувањето со топлинска енергија, согласно членот 13, став (7) од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „ да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас, а кај нас алтернативнотo гориво е мазутот.
Кој е најголем купувач на руската нафта?
Европските нации се најголемиот колективен купувач на таа нафта, додека Кина е најголемиот поединечен купувач на нафтени деривати. Во 2021 година, Европа купи околу 42 отсто од вкупното производство на нафта во Русија, додека Кина купи 14 отсто, а 30 отсто остана во Русија.
Меѓу големите земји кои купуваат руска нафта се Германија, Холандија, САД, Полска и Јужна Кореја.
Руските клиенти се различни, а надвор од Европа, повеќето – како Кина и Соединетите Американски Држави – црпат од широк спектар на извори.
Но, европските нации, кои во ноември 2021 година увезоа околу седум пати повеќе руска нафта од Соединетите држави, се многу повеќе зависни од увозот на руска нафта, а некои источноевропски земји се речиси целосно зависни од руската нафта.
Литванија, на пример, добива 83 отсто од увозот на нафта од Русија, потоа Финска (80 отсто), Словачка (74 отсто), Полска (58 отсто), Унгарија (43 отсто) и Естонија (34 отсто).
Следува Германија со 30 отсто, а ѝ се придружуваат Норвешка (25 отсто), Белгија (23 отсто), Турција (21 отсто), Данска (15 отсто) и Шпанија (11 отсто).
На таа листа, само Норвешка има значителна сопствена нафтена индустрија – таа е 13-ти најголем производител во светот – и 45.000 барели што ги увезуваше од Русија секој ден во 2021 година се избледени во споредба со повеќе од 2 милиони барели што ги произведува самата.
Најголем извозник на природен гас
Русија е главен производител, потрошувач и извозник не само на нафта, туку и на јаглен и природен гас, како и на различни рафинирани производи направени од нив. Руската индустрија за фосилни горива произведе енергетски еквивалент од 11 милијарди барели нафта во 2019 година, според ИЕА.
За многу европски земји, руската нафта и природен гас се витални извори на енергија и топлина, а руската нафта е доминантен извор на бензин и други рафинирани нафтени продукти.
Земјата извезла околу 54 отсто од својот јаглен, 31 отсто од својот природен гас и 70 отсто од својата нафта во 2019 година, при што јагленот првенствено се извезува во кинеската енергетска и металуршка индустрија, а нафтата и природниот гас првенствено одат во Европа.
Соња Танеска