„Трудовите инспектори најпрофесионално ќе си ја завршат работата, ќе ги утврдат сите факти и докази за да не се појават понатамошни шпекулации во јавноста“.
Ова денеска го изјави Весна Томовска, директорка на Државниот трудов инспекторат, на брифинг со новинарите.
Таа откри дека ова е првпат инспекторите да влезат во оваа институција, што значи дека во претходните години не бил вршен инспекциски надзор во М-НАВ. И со оглед на тоа што и финансиската полиција изврши надзор во М-НАВ, најверојатно ќе треба да се координираат, за да се одлучи дали надзорот ќе се прошири или ќе остане, и кој од двата органи ќе ги врши и дополнителните инспекциски надзори.
Инаку, надзорот во М-НАВ се прави согласно владина одлука, а бидејќи станува збор за пообемен надзор, најмал временски период во којшто може да се изготви записникот е една недела. Во моментот се земени 21 досиеја на вработените, а е извршен и разговор и со претседателот на Синдикатот на котролата на летање, Александар Тасевски.
-Надзорот во М-НАВ е направен согласно одлуката на Влада. И да, во претходните години немаме извршено инспекциски надзор. Меѓутоа, без разлика дали ќе имаше ваква одлука Инспекторатот постапува и по допрен глас во услови кога има одредени неправилности коишто укажуваат во делот на правата од работен однос – рече Томовска.
Прашана дали ќе се прошири надзорот во М-НАВ со оглед на обвинувањата дека таму се вработени роднини на одредени функционери, Томовска посочи кога станува збор за вработен, нерелевантно е чиј роднина е.
Надзорот, како што рече, се спроведува на начин и постапка согласно законот.
– Кога станува збор за вработен, за нас е неважно е чиј роднина е. За нас сите се вработени. Така што, доколку постои повреда на право од работен однос или незаконска постапка на вработување, во тој случај за нас важен е поимот вработен и работник. Дали е тој роднина на кој било, за нас е ирелевантно. Значи, надзорот ќе се спроведе на начин и постапка согласно закон. Инспекторатот не врши истрага. Инспекторатот спроведува инспекциски надзор. За истрага е задолжен друг орган – додаде Томовска.