Надлежните нема да можат долго да се бранат со молчење за Мерко, вели Туфегџиќ

by fokus

„Црната листа“ на САД на која деновиве се најде струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко нема да има правни последици за него, но надлежните органи нема да можат долго да останат инертни, односно нема да можат долго да се бранат со молчење, анализира за „Фокус“, поранешниот долгогодишен судија и сегашен адвокат, Владимир Туфегџиќ.

Досегашната пракса покажала дека „црната листа“ на САД не предизвикува правни последици кон лицата посочени во истата, а во смисла на консеквенци според домашното законодавство пред се поради политичката конотација на санкциите. Секако треба да се има предвид дека една работа е со „црна листа“ да бидат опфатени лица поради поткопување на безбедноста и непочитување на Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор како основ, а сосема друга димензија и последици има доколку лицето се најде на „црна листа“ поради злоупотреба на јавни финансии, корупција и влијание врз судството, вели Туфегџиќ.

Но, сепак порачува дека иако досега надлежните органи останува неми, амбиентот нема да им дозволи да останат без реакција.

-Иако досегашната пракса покажала инертност на надлежните органи во смисла на преземање на дејствија со цел обезбедување на докази за евентуални коруптивни дејствија, сепак сметам дека амбиентот е таков што надлежните органи нема да можат долго време да останат инертни и без одговор на ваквите состојби, едноставно ќе бидат под очекуван притисок и од нив ќе се очекува соодветна реакција, во правен жаргон кажано, нема да можат долго да се бранат со молчење, додава Туфегџиќ.

Обвинителството денеска излезе со соопштение во кое кажува дека против Мерко се водат шест постапки, дека многу од нив се затворени, но ќе се испитува постапувањето на обвинителите во сите, дали постапувале стручно, ажурно и дали биле подлегнале на влијание.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости