По речиси дваесет часа потрага, малата Наде од кичевското село Кленоец била пронајдена во длабока шума, помеѓу селата Извор и Кленоец.
Таа била во добра здравствена состојба.
,,Наде беше пронајдена од полициска екипа, со која што беше и нејзиниот татко. Местото каде што таа се наоѓаше се вика Вртиште, беше навлезена во дол длабок дваесеттина метри. Во доба состојба е, жива и здрава, но сепак беше предадена на медицинска екипа. Дополнително, социјалните служби ќе разговараат со родителите’’ – ни изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Како што информиравме, двегодишното девојче се изгубило вчера околу 14:00 часот, кога со својот вујко и сестрата тргнале пеш од селото Кленоец кон Извор. Вујкото во близина на местото Јарбол забележал дека девојчето го нема, по што започнал да го бара.
Полицијата била информирана за исчезнувањето вчера во 20:50 часот, по што екипи од 20 полициски службеници, заедно со месното население трагале по девојчето. Утрово во потрагата беа вклучени и кучиња трагачи.
Вики Клинчарова