Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека традиционално, како и секоја година, на празникот на лозарите и винарите Свети Трифун, се исплатени субвенциите за поддршка на лозарството.
На сметките на 9.741 лозар биле исплатени 442 милиони денари, односно околу 7.186,991 евра.
– Секој лозар на својата сметка добива 40.000 денари по хектар дополнителна субвенција. Лозарите како и другите земјоделци на крајот на 2023 година ја добија авансната исплата на 30 проценти од основните субвенции за 2023 година, или 12.000 денари.
Па така, вкупната субвенција која досега ја добија лозарите изнесува 52.000 денари. Нека им е за добро, со здравје да ги користат парите и да ги инвестираат во производство, за и оваа година да имаме богат род, истакнаа од министерството.
Министерот Љупчно Николовски пак, денес изврши традиционално закројување на виновата лоза во селото Марена.
– „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“. Нека е за многу години денешниот голем празник Свети Трифун.
Изминативе две години доделивме 145 договори за грант до 10.000 евра за мали семејни винарии. Денеска, благодарение на добрите политики, ние имаме рекордна бројка од 173 мали семејни винарии или вкупно 255 регистрирани винарски визби. Или само за една година, во 2023, регистрирани нова 91 мала винарија. За разлика од 2019, каде сме имале вкупно 71 регистрирана винарска визба.
Велат, во виното е вистината.
Епа токму ова е нашата винска вистина со јасни бројки и факти. Овие бројки говорат дека сме достигнале експанзија од успеси.
Од овде, од село Марена Ви честитам. Заедно да се радуваме на уште поголеми признанија, успеси и достигнувања – истакна министерот.
Вики Клинчарова