Украински беспилотно летало се урна во зграда во центарот на Москва, откако беше соборен од руската противвоздушна одбрана, што го наруши воздушниот сообраќај на сите цивилни аеродроми во руската престолнина, соопштија руските власти.
Сведок кој бил во областа опишал дека слушнал „силна експлозија“, пренесе Ројтерс
Руското Министерство за одбрана и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјавија дека нема жртви откако противвоздушната одбрана уништила беспилотно летало кое потоа удрило во зградата на Експо центарот во Москва во петокот рано наутро. Експо центарот е комплекс од изложбени павилјони и повеќенаменски сали, на помалку од пет километри од Кремљ.
„Околу 4 часот по московско време, режимот на Киев изврши уште еден терористички напад користејќи беспилотно летало врз објекти лоцирани во Москва и Московската област“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Киев се уште не ја коментирал експлозијата во Москва.
Воздушниот сообраќај беше накратко прекинат на четирите главни аеродроми околу руската престолнина – Внуково, Домодедово, Шереметјево и Жуковски.
Руската агенција за воздушен сообраќај соопшти дека седум летови се пренасочени кон алтернативни аеродроми.