Над книга наместо на телефон во автобусите на ЈСП, скопска книжарница им ја враќа желбата на граѓаните за читање

by fokus

Во текот на месец декември во дел од автобусите на ЈСП граѓаните имаат можност да читаат додека се возат, дури и ако со себе не носат книга.

Имено, новоотворената книжарница „Полица“ на седиштата на автобусите постави извадоци од четири жанровски различни книги, со цел во нив да имаат можност да уживаат луѓе со различни читателски склоности. Извадоците се од збирката раскази „Преобразба“ на Франц Кафка, автобиографијата „Јас, тајкунот“ на Мирослав Мишковиќ, детската книга „Како да снимиш филм“ од Радивоје Андриќ и „Допир од далечина – Иан Кертис и Joy Division“ од Дебора Кертис.

-Целта ни е да ги поттикнеме луѓето да читаат што повеќе, а особено онаму каде што имаат на располагање време. Додека се возат на работа, на училиште или на пазарување, луѓето имаат 10, 20, 30 минути што можат да ги поминат наместо на телефон – во квалитетно читање. Нашата издавачка куќа има наслови за секој читател, кои од минатата среда можат да се најдат и во нашата новоотворена книжарница во центарот на градот, вели Јове Тодоровски, директор на „Полица“.

Со кампањата насловена „Читај на екс“, „Полица“ сака да покаже дека може да се чита и дека е навистина кул тоа да се прави насекаде – на екс, од нога, во автобус… читањето е една од најблагородните активности за човекот, која треба да ја поттикнуваме и кај себе и кај другите околу нас, давајќи им сопствен пример.

Во време кога книжарниците замираат и негувањето на културата на читање опаѓа, креативната кампања на „Полица“, направена од креативци на полето на маркетингот, е навистина за поздравување.

 

Поврзани новости