Претставници на СДСМ денеска на прес-конференции информираа дека во собраниска процедура влегува предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, како и дека пред пратениците се измените на Законот за ученички стандард и Законот за студентски стандард.
-Новиот Закон за антидискриминација е целосно усогласен со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и за него е добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од сите граѓански организации кои работат во оваа област. Со него, се прошируваат основите, се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација. Преку новиот Закон се зајакнува и капацитетот на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, а нејзините надлежности се прошируваат во насока на превенција – рече Снежана Калеска -Ванчева, координаторка на Форум на Жени на СДСМ и пратеничка.
Нејзиниот сопартиец и колега од парламентот Дарко Каевски, пак, изјави дека преку измените на Законот за ученички стандард и Законот за студентски стандард се обезбедува правна рамка за реализација на важна мерка од четвртиот пакет.
-Поради коронавирусот, ученичките и студентски домови ќе работат во посебни околности и по строго утврдени протоколи за да се заштити јавното здравје. Заради намалениот капацитет во домовите, студентите и средношколците чии барања биле одобрени, а не можат да бидат сместени, ќе имаат можност да одберат месечен надомест за покривање на трошоците за приватно сместување или да одберат надомест на трошоците за превоз од местото на живеење до местото на студирање. Оваа мерка опфаќа 884 студенти и 347 ученици, а за нејзина реализација ќе се искористат 44 милиони денари од Буџетот, предвидени во четвртиот пакет антикризни мерки – рече Каевски.