Најмалку дваесет лица загинаа во пожар во училишна зграда во централна Гвајана, во Махдија, рударски град кој се наоѓа на околу 200 километри јужно од главниот град Џорџтаун, објави владата на Гвајана во соопштение за печатот во текот на ноќта.
„Со голема тага ви пренесуваме трагична вест за пожарот во студентскиот дом во гимназијата Махдија. Бројот на загинати во моментов изнесува 20, додека уште неколку лица се повредени“, се наведува во соопштението.
Според локалниот портал Стаброек њуз, сите загинати се ученички.
„Неколку деца ги загубија животите во пожар што избувна во училиште во центарот на Гвајана, изјави претседателот Ирфаан Али на Гвајана во изјавата што ја даде на аеродромот.
„Многу загинати и повредени. Ова е голема несреќа. Страшна е и болна“, рече претседателот.
Тој рече дека организираат голема медицинска помош, а наредил и усвојување посебни мерки во двете најголеми болници во главниот град .
„За секое дете на кое му е потребна грижа да добие најдобра помош“, додаде тој.