Најмалку 90 луѓе и 13 американски војници загинаа, а над 150 се повредени во вчерашните два самоубиствени напади на аеродромот во Кабул. Исламската држава Корасан (ИД-К), регионалната група на ИСИС многу порадикална од талибанските милитанти кои ја презедоа власта пред помалку од две недели, ја презеде одговорноста за нападот. Утрово, напорите за евакуација на авганистанските цивили и странците продолжуваат со авиони, додека САД стравуваат од нови напади.
Во емотивниот говор, претседателот Џо Бајден вети дека ќе ги казни одговорните за нападот и ќе продолжи спасувањето на Американците и авганистанските сојузници. Но, и покрај интензивниот притисок да се продолжи рокот за евакуација и по 31 август – рок договорен со талибанците, тој повтори дека заканата од терористички напади е причина да се држи до неговиот план.