Бројот на заразени случаи со ковид-19 на глобално ниво од појавата на вирусот надмина 9 милиони.
Според податоците од „Ворлдометар“, досега се пријавени точно 9.031.353 случаи.
Од нив во моментов активни се речиси 3,8 милиони, а излекувани 4,8 милиони. Бројот на пријавени смртни случаи досега изнесува 469.514.
Најголем број од досега дијагностицираните случаи се во САД – 2,3 милиони. Таму досега се починати 122.238 лица.
Бразил е втора на листата и надмина еден милион потврдени случаи со ковид-19. Оваа земја е втора и по бројот на починати, 50.608.
Научниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Сумија Свамнатан, на прес-конференција пред 4 дена, изрази надеж дека до крајот на годината ќе се произведат неколку стотици милиони дози на вакцина, а дури две милијарди во 2021-та.
Меѓутоа, пронаоѓањето на соодветна вакцина засега не може да се предвиди со временски рокови. Во светот на тоа работат околу 200 тимови, а според СЗО се водат десетина клинички испитувања.