Над 9 илјади евра е штетата што пратеникот од Левица, Борислав Крмов треба да ја плати откако неодамна искрши дел од инвентарот во пленарната сала кога на седницата требаше да се гласа новиот Деловник на Собранието. Ова денеска го соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери на средба на новинарите.
„Има правни процедури за секое дејство. Штетата ќе се компензира од страна на чинителот на таа штета. Додека сме во Собранието, ние сме во работен однос и важи законот за работни односи“ – рече Џафери.
Џафери објасни дека Крмов не може да се повика на пратеничкиот имунитет бидејќи тоа може да го направи само за искажан збор од говорница.
Минатиот понеделник, револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, Крмов, барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, а ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието.