Со одлука на Владата, во декември 2023 година одвоени се четири милиони евра за дополнителни пет градинки во скопските општини кои имаат најголем проблем со капацитетите во градинките. За оваа година пак, предвидено е отворање на 14 нови објекти на детски градинки со цел да се зголеми бројот на деца кои се опфатени во предучилишното образование, што значи зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за дополнително 1653 деца.
Според премиерот Димитар Ковачевски, фокусот на Владата останувал изградба на градинки, рамномерно во сите градови и места каде што има потреба за згрижување на деца.
Тој потсетува дека ја имал честа да пушти во употреба неколку градинки помогнати со средства од СБ и на секое отворање одел и кажувал дека тоа е најубавата градинка која ја видел, но сепак детска градинка „Сонце“ во населбата Волково, општина Ѓорче Петров, со формата, со начинот на којшто е изградена навистина била изградена на најсовремен начин.
-Мислам дека доколку отидете во било која западно европска држава, тогаш ретко ќе најдете ваков убав и квалитетен објект направен било каде. Вкупната вредност само за овој објект, вклучувајќи ја и опремата, е близу 1,7 милиони евра, средства обезбедени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска Банка и со поддршка на Општина Ѓорче Петров- истакна Ковачевски за време на отворањето на градинката минатата година.
Според премиерот, и минатата година покажале дека грижата за децата им е врвен приоритет.
Од почетокот на мандатот на Владата биле отворени вкупно 83 објекти за предучилишно образование, од кои 13 нови јавни детски градинки, 39 нови објекти во рамки на постојните јавни детски установи. Отворени биле 31 нова група со промена на просторни услови во постоечки објекти и во други просторни услови.
-Наш врвен приоритет е иднината на нашите деца, затоа што младите се иднината на секоја држава. Како Влада направивме најмногу инвестиции во градинките во историјата на државата.10 населени места за прв пат добија градинки. Клонови на детски јавни установи се направени во уште 17 населени места-истакнува Ковачевски.
До крајот на 2024 година пак, било предвидено отворање на дополнителни, околу 1.700 места, за згрижување деца од предучилишна возраст.
Исто така, потенцира дека дека од 2019 година до денес има значително зголемување и на платите во градинките во државата. И тоа, на раководителите за 43 отсто, воспитувачите имаат за 54 отсто поголема плата, негувателите за 47 отсто, а хигиеничарите за 64 отсто.
Вики Клинчарова