Во силниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, што го погоди Мароко, загинаа стотици луѓе, додека голем број се повредени. Уништени се многу станбени објекти, а населението во паника ги напушта своите домови. Според последните податоци што ги објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на мароканската државна телевизија, загинале 632 лица, а 329 се повредени.
Земјотресот се случи во планинскиот венец Висок Атлас во Мароко, нешто по 23 часот по локално време.
Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со прелиминарна јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, а потресите траеле неколку секунди. Според нивниот извештај, земјотресот се случил на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш. Сеизмичката агенција на Мароко процени дека епицентарот бил на длабочина од 8 километри. Во двата случаи, ваквите плитки земјотреси се опасни.
Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил на планините Висок Атлас. Само 19 минути по првиот земјотрес се случи уште еден земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Локалните власти соопштија дека повеќето од смртните случаи се случиле во планинските области до кои е тешко достапни.
Првите снимки кои пристигнаа од Мароко покажуваат дека Маракеш, историски град под заштита на УНЕСКО, претрпел големи штети. Жителите на Маракеш, еден од најпогодените градови, излегоа од своите куќи во страв од последователни потреси.
На објавените видеа се гледаат оштетени згради и улици покриени со урнатини, како и луѓе кои панично бегаат низ облаци од прашина.
Некои згради во стариот дел на Маракеш се урнаа, оставајќи голем број жители на улиците поради опасност од нов земјотрес, пренесува Јутарњи лист.
Министерството за внатрешни работи на Мароко денеска го повика населението да остане смирено и „да не паничи“.
Во обраќањето за државните медиуми, Рашид Ал-Калфи, претставник на Министерството, рече дека владата веќе ги активирала сите расположливи ресурси за да ги санира последиците од оваа трагедија.
Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Рабат, на околу 350 километри северно од планинскиот венец Висок Атлас, и до Португалија и Алжир, соопштија португалските и алжирските агенции за итни случаи.
Фото: Профимедиа
Devastante #terremoto del 7° della scala Richter, in #Marocco durante la notte. L'epicentro, sarebbe a circa 30 km da #Marrakech… La scossa l'hanno avvertita anche in #Spagna e Portogallo… Attualmente i morti sarebbero circa 300… pic.twitter.com/McS9MIhyiE
— Scala-la-vetta ⛰️ (@IosonoScala) September 9, 2023