Над 6 милиони евра профит за само една година – спорните набавки на мазут му донеле на „РКМ“ вртоглав раст!

Истрагата на обвинителството за злоупотреба тешка 167 милиони евра при набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, следува по предистрага отворена по иницијатива на антикорупционерите, кои своевремено информираа дека вкупната набавка на мазут од „РКМ“ изнесува околу 212 милиони евра. Во периодот 2021-2023 година, кога се склучени милионските договори и се одвива испораката, компанијата на Ратко Капушевски, чиј партнер во 2022 година станува Ерџан Сулкоски, прават голем раст. Ако во 2021 година друштвото остварува приходи од 517.915.297 денари и добивка од 13.508.174 денари, веќе во 2022 година приходите изнесуваат дури 6.816.694.148 денари (над 110 милиони евра), а добивката 384.421.387 денари (6,2 милиони евра). Моментално, фирмата има блокирана банкарска сметка.

by Фокус

„Мојата компанија работи исклучиво со приватни компании и не планираме да даваме понуда на тендер за снабдување на државни органи“ – ова за „Фокус“ го изјави Ратко Капушевски во 2020 година, кога неговата „РКМ“ доби лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за трговија на големо со мазут.

Но, веќе во следните 2021 и 2022 година „РКМ“ склучила договори со државната компанија за производство на струја АД ЕСМ за снабдување со мазут на ТЕЦ „Неготино“, кое служеше како „ладна резерва“ се додека тогашната Влада не одлучи да ја активира централата со цел да се зголеми домашното производство на струја во време на енергетска криза.

Токму поради овие набавки во милионска вредност, беше отворена истрага против „РКМ“, Капушевски и неговиот партнер Ерџан Сулкоски, кои се сомничат дека поднеле невистинита документација, не ги извршиле договорените обврски и оствариле имотна корист на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167,5 милиони евра.

Дали оваа „злоупотребената сума“ одговара на висината на договорите меѓу ЕСМ и „РСК“ за набавка на мазут за потребите на „ТЕЦ Неготино“ или пак вредноста на договорите (и анексите) била уште поголема? Официјално, засега нема одговор на ова прашање, бидејќи овие договори не се јавно објавени, од причина што се склучиле по пат на директни спогодби без јавен повик.

Затоа, се обративме до ЕСМ со прашање колку договори и анекси биле склучени со „РКМ“ за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“, за колкави количини на мазут се однесувале и тие колку изнесувала нивната вредност, но од таму ни беше посочено дека не може да доставуваат такви податоци во оваа фаза на истрага.

Капушевски доби лиценца за трговија со мазут: Работиме само со приватни компании!

ШТО УТВРДИЈА АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ?

Инаку, ИРЛ во 2022 година објави дека ЕСМ всушност склучил 2 договори со „РКМ“ за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Притоа, првиот договор бил склучен на 3 декември 2021 година, кога ЕСМ испратила барање до лиценцираните увозници со понуди за набавка на 38 илјади тони мазут во вредност од 22 милиони евра. На 2 февруари 2022 година, пак, ЕСМ повторно ги повикала увозниците да дадат понуди, овој пат за 150 илјади тони мазут.

Според ИРЛ, на овој тендер тогаш не се пријавил никој, па по неколку дена, на повторениот повик конкурира само една компанија. Тоа била „РКМ“, која ќе го добие вториот, речиси пет пати повреден договор за набавка на мазут од 89 милиони евра. Оттука, произлегува дека двата договори меѓу ЕСМ и „РКМ“ во перидоот 2021-2022 се однесувале за набавка на вкупно 188 милиони тони мазут и изнесувале вкупно 111 милиони евра.

Инаку, овој случај го испитуваше Антикорупциска комисија, по чија иницијатива впрочем беше отворена предистрага, која сега резултираше и со истрага од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Како што извести ДКСК во 2023 година, вредноста на вкупната набавка изнесува околу 212 милиони евра. Воедно, антикорупционерите изразија сомнеж дека „РКМ“ имал капацитет да испорача околу 195 илјади тони мазут.

Исто така, Комисијата утврдила дека на првиот договор за набавка на мазут со „РКМ“ бил склучен анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена. Додека на вториот договор, кој иако бил истечен и без правна сила, според ДКСК, склучен бил анекс со цел да се исплатат дополнителни средства, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут.

Според сметководствената документација на АД ТЕЦ Неготино, испорачаниот мазут од двата договора е со помала количина за околу 18.000 тони. РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана и прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут“, истакна тогаш ДКСК, утврдувајќи состојби кои укажуваат на сомнежи за даночно затајување, трговија по пат на инсајдерски информации, монополско и непријателско здружување…

Спорните набавки на „отровен и канцероген“ мазут за ТЕЦ „Неготино“ го оштетиле буџетот за 167 милиони евра!

ШТО ПОКАЖУВААТ ФИНАНСИСКИТЕ ИЗВЕШТАИ?

Откако ги склучи договорите за мазут за ТЕЦ „Неготино“ во 2021 и во 2022 година, кои, според ДКСК, изнесуваат 212 милиони евра, се забележува драстичен скок на приходите и на профитот на снабдувачот „РКМ“? Што откриваат финансиските извештаи на компанијата, која е формирана во 2015 година, а моментално има блокирана банкарска сметка?

Имено, „РКМ“ видлив раст прво прави во 2021 година, кога остварува приходи од 517.915.297 денари (добивката изнесувала 13.508.174 денари), што е значително повеќе во споредба со претходната 2020 година, кога приходите изнесувале 64.328.673 денари (добивка била 2.077.403 денари).

Но, најголемиот раст компанијата го прави во 2022 година, кога остварува приходи од дури 6.816.694.148 денари (над 110 милиони евра) и добивка од 384.421.387 денари (6,2 милиони евра). Во следната 2023 година, пак, приходите паднале на 4.465.470.454 денари (над 72 милиони евра), а добивката изнесувала 193.112.324 денари (3 милиони евра).

Она што е интересно, откако ги склучува милионските договори за мазут, кои резултираат со драстичен раст на обртот на друштвото, нов доминантен содружник на „РКМ“ станува Сулкоски, кому, како што објави 360 Степени, Капушевски му продал мнозински удел од 65 проценти за само 24 илјади евра.

Порано, односно до средината на 2023 година, Сулкоски бил дел и од компанијата „К.С.А. Интернатионал“, чиј единствен сопственик моментално е Куштрим Смајлај, зет на Али Ахмети, пратеник и лидер на ДУИ. Патем, боде очи фактот што оваа компанија била формирана во 2022 година за изградба на згради и веќе истата година ја завршува со приходи од цели 722.465.227 денари и добивка од 124.328.185 денари.

Моментално, Сулкоски е единствен сопственик на „Пацифик Петролеум“, каде што порано содружник бил Армин Машовиќ, кој бил основач на уште една компанија. Тоа е друштво „Хеј“, кое го купи ресторанот „Фестина“ во Визбегово и подоцна го даде под закуп на Државна лотарија на период од 10 години за 2,6 милиони евра. За ова се води предистрага.

Во меѓувреме, Машовик излегува од сопственичката стурктура на „Хеј“, но останува нејзин управител, а нов единствен сопственик од тогаш до денес е газдата на нафтената компанија „Пуцко Петрол“Асмир Јахоски, кој, исто така, е на листата на осомничени во рамки на истрагата на спорните набавки на мазут, каде уште се опфатени поранешни директори на ЕСМ и членови на комисии за јавни набавки.

Што се однесува до „Пуцко Петрол“, станува збор за нафтена компанија формирана уште далечната 1999 година од страна на Исмаил Јахоски, поранешен градоначалник на Пласница и актуелен пратеник на ДУИ. Пред неколку години, тој се повлече од компанијата и кормилото му го препушти на неговиот син Асмир Јахоски.

И оваа компанија прави голем скок во 2022 година, кога остварува приходи од 4.948.282.869 денари и добивка од 195.188.335 денари, додека претходната 2021 година нејзините приходи биле 2.960.201.971 денар, а добивката 220.884.799 денари. Во 2023 година, пак, компанијата имала приходи од 4.070.225.534 денари и добивка од 387.980.400 денари.

Нафтена компанија со градежни апетити, чиј газда е под истрага: „Пуцко Петрол“ нижела тендери и наплатила милиони за бензиски!

ШТО СООПШТИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО?

Како што информираше Јавното обвинителство, предметниот јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против 13 физички и едно правно лице, бидејќи постои основано сомнение дека 10 лица како созвршители или помагачи сториле кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик, а на двајца осомничени плус на товар им се става и кривично дело перење пари.

Според обвинителството, во периодот 20212023 година, двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, поднеле невистинита документација, не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата, остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра.

„Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД ЕСМ, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година“, велат од обвинителството.

Од таму додаваат дека паричните средства што осомничените ги прибавиле со кривичното дело, кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на ЕСМ, во периодот од декември 2021 година до април 2023 година, ги пуштиле во промет и ги пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото.

Со дел од средствата купиле 2 моторни возила мерцедес бенц“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во 2 наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000 денари за наводно извршени работи согласно договорот, кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот, така примените парични средства, свесен за нивното потекло, со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на „позајмица“ кон своето правно лице“, посочија од обвинителството.

Пред да заврши во притвор за мазутот, Капушевски куртули од кривичната за „Офицерски дом“!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости