Војната на Израел против Хамас во Појасот Газа ќе чини 51 милијарда долари, проценува денеска финансискиот весник „Калкалист“, повикувајќи се на прелиминарните податоци на израелското Министерство за финансии.
Весникот наведува дека проценката, која изнесува 10 отсто од бруто домашниот производ на Израел, се заснова на претпоставката дека војната ќе трае меѓу осум и 12 месеци, дека е ограничена на Газа, без целосно учество на либанскиот Хезболах, Иран или Јемен, и со околу 350.000 регрутирани Израелци како воени резервисти.
Според Ројтерс, ова е „оптимистичка“ проценка.
Израелското Министерство за финансии соопшти дека не стои зад податоците објавени од весникот.
Половина од трошоците би биле за одбрана, кои изнесуваат околу 250 милиони долари дневно, а другите трошоци вклучуваат изгубени приходи, компензација за бизнисите и трошоци за реконструкција.
На 7 октомври, членовите на Хамас од Газа го започнаа најсмртоносниот напад врз Израел, кој оттогаш ја бомбардира Газа во обид да ја елиминира групата.