Повеќе од 50.000 луѓе избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија од 24 септември, изјави за новинарите секретарката за печат на ерменскиот премиер Назели Багдасаријан.
-До сега преку мостот Хакари поминале 50.243 лица. Околу 5.700 лица користеле привремено сместување обезбедено од државата, изјавил Багдасарјан, пренесе РИА Новости.
Мостот се наоѓа во коридорот Лачин, каде што функционира контролниот пункт Лачин – единствениот контролен пункт на ерменско-азербејџанската граница. Според официјален Ереван, пред последното заострување на односите во Нагорно-Карабах живееле 120.000 луѓе.
На 19 септември Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах, нарекувајќи ја „антитерористички мерки од локална природа“ за враќање на уставниот поредок во регионот.
Ереван ги окарактеризира овие акции како агресија, велејќи дека нема ерменски единици во Нагорно Карабах. Еден ден подоцна, со посредство на руските мировни сили, беше постигнат договор за прекин на огнот, а меѓу условите на примирјето особено беше истакнато разоружувањето на ерменските формации.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека ќе работи со своите сојузници и партнери во наредните денови за воспоставување меѓународна набљудувачка мисија, откако Азербејџан ја врати контролата врз Нагорно-Карабах во молскавична офанзива минатата недела, објавија британските медиуми.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека иако Русија понекогаш ги олеснува разговорите, што беше корисно, нејзината улога во изминатата недела не била продуктивна.
Претходно денеска, Азербејџан соопшти дека го уапсил поранешниот шеф на сепаратистичкото раководство на Нагорно-Карабах, Рубен Вардањан, додека се обидувал да премине во Ерменија.
Фото: АP/Vasily Krestyaninov