Најмалку 40 лица загинаа, а десетици се повредени денеска во експлозија за време на подготовките за јавен политички митинг во северозападен Пакистан, објавија полицијата и локалните медиуми.
„Експлозијата се случила околу 17:00 часот по локално време, еден час пред почетокот на настанот во племенскиот кварт Бајаур, кој се наоѓа во близина на границата со Авганистан“, соопшти полицијата.
Медиумите информираат дека причина за експлозијата најверојатно е бомба.
Собирот го организираше Џамијат Улема Ислам (ЈУИ), коалициски партнер во Федералната влада.
Здравствените власти стравуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи неколку лица меѓу повредените се во критична состојба.
Локалната телевизија Samaa News објави видео од членовите на ЈУИ и спасувачите како ги носат телата и повредените во возилата на брзата помош додека чад се шири низ областа.
Не се познати детали за причината за експлозијата, четврта за помалку од три недели во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва.