Четири дена ќе се работи во Арена Борис Трајковски, каде целиот партер ќе биде покриен со леден под, на околу 300 метри квадратни, поради одржување на ледено шоу.
Спектаклот на мраз ќе се одржи на 14-ти декември, и ќе трае само еден ден, за кој се најавени два термини, односно претстави кое ќе започнат од 12 и од 17 часот.
Како што поајснуваат од организацијата на настанот, арената ќе стане магично кралство на мразот, а посетителите ќе можат да уживаат во лизагњето на светски познати првенци во уметничко лизгање, во улога на супер херои – Петар Пан, Елса, Супермен, Аладин, Том и Џери, Спајдермен, Мики Маус и Круела.
-Замислете го целосно замрзнатиот партер, светлата што треперат низ магичната атмосфера и вашите омилени херои кои со стил и грациозни движења лизгаат на мразот. Со вас ќе бидат Петар Пан, Елса, Супермен, Аладин, Том и Џери, Спајдрмен, Мики Маус, како и Круела. А за да биде сè како во бајка, специјален гостин ќе биде никој друг туку Дедо Мраз, подготвен да донесе празнична магија за сите нас.
Нивните улоги ќе ги играат светски познати првенци во уметничко лизгање, кои низ годините го освојувале светот со нивните прецизни движења, елеганција и совршени кореографии. Ќе гледате акробации кои го одземаат здивот и лизгачки перформанси полни со емоции.
Секој миг ќе биде волшебен, секој лик ќе раскаже своја приказна, целото шоу ќе ве однесе на патување низ фантазијата, а „Борис Трајковски“ ќе стане место каде соништата навистина оживуваат, каде магијата на мразот и светлината ја раскажуваат приказната за љубов, пријателство и храброст, појаснуваат од организацијата.
Влезниците за леденото шоу се пуштени во продажба по цени од 750 до 1.500 денари.
Вики Клинчарова