Вкупно 33 полицајци, 12 војници и 18 вработени во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи во Охрид завршија во изолација, откако неколкумина припадници на Единицата за брзо распоредување се заразија со новиот вирус.
Од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ велат дека од 18 припадници на ЕБР кои обезбедувале карантински објекти, досега седуммина се позитивни на ковид 19.
По направената епидемиолошка анкета на 33 полициски службеници им се издадени решенија за изолација, а уште двајца чекаат решенија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
-Направена е комплетна дезинфекција на одморалиштето на МВР во Охрид, а за 18 лица вработени во одморалиштето издадени се решенија за изолација од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, велат од МВР за Фокус.
Од ГШ на АРМ велат дека 12 војници кои исто така биле сметени во одморалиштето во МВР се во изолација, но досега не се тестирани и чекаат насоки од здравствените власти.
Пред неколку дена беше соопштено дека припадник на ЕБР, кој заедно со колегите обезбедувале карантински објекти во охридскиот регион почуствувал симптоми на ковид 19. Тој бил тестиран и бил позитивен на новиот вирус, а освен него, позитивни биле и уште шестмина негови колеги.
Ф.Ф.С.