Американската компанија „Максар“ објави сателитски снимки од наводни масовни гробници близу Мариупол, што Русија вчера го прогласи за ослободен по речиси два месеца жестоки борби.
Локалните власти ја обвинија Русија дека закопува 9.000 цивили за да го прикрие масакрот во уништениот пристаништен град.
Снимките беа објавени откако Владимир Путин им нареди на своите трупи да ја блокираат челичарницата „Азовстал“, каде што се кријат преостанатите украински бранители.
„Максар“ вели дека фотографиите покажуваат повеќе од 200 масовни гробници во селото Манхуш, околу 20 километри западно од Мариупол, каде што од крајот на март почнало проширувањето на локалните гробишта.
На снимките се гледаат четири секции со праволиниски редови долги 85 метри.
Градоначалникот Вадим Бојченко вели дека десетици илјади цивили можеби загинале во опсадата на Мариупол.
Британското Министерство за одбрана објави нов разузнавачки извештај за војната во Украина, во кој се вели дека одлуката на Путин да ја блокира фабриката за челик Азовстал „укажува на желбата да се ограничи украинскиот отпор“ и „да се ослободат руските сили за напади на исток“.
Во своето вепоследно ажурирање, Министерството рече дека целосниот руски напад врз фабриката за челик „веројатно ќе предизвика значителни руски жртви, дополнително намалувајќи ја нивната севкупна борбена ефикасност“.