Над 200 амандмани го блокираа законот на Сугарески за урбанистичко планирање

by Фокус

Откако пратениците од власта и опозицијата поднесоа 250 амандмани кон Законот за урбанистичко планирање, денеска во парламентот беше одлучено да се формира работна група за да се коригираат недостатоците и недореченостите на законот предложен од страна на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

-Јас мислам дека голем дел од амандманите се поклопуваат. Предлагам да одржиме неколку работни состаноци на кои ќе се усогласат ставовите за да донесеме квалитетен закон. Не ми е цел да се направи хаос, туку напротив да се регулира оваа област – рече Сугарески.

Шеесетина амандмани кон предлог-законот поднесе владејачката ДОМ, чија пратеничка Лилјана Поповска побара да се повлече законот.

-Ваков каков што е законот тешко дека ќе може да се поправи само со амандмани. Треба законот да се врати во Министерството за транспорт и врски и да се поправи, но пред тоа работна група од пратеници да одржи средба со министерот и да се усогласат забелешките – посочи Поповска.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнаа дека неприфатливо е да се носи закон за урбанистичко планирање, без да се донесе закон за просторно планирање.

-Не може Владата да има овластување да носи Детални урбанистички планови, Генералните урбанистички планови да се носат без јавна расправа и да не е во корелација со пругите закони како што е Законот за урбано зеленило – рече пратеничката од оваа партија Лилјана Затуровска.

По јавната расправа во Собранието на 10 јуни на која учествуваа претставници на невладини организации и архитекти поднесени се 250 амандмани од кои 126 се од СДСМ, а 109 од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости