Повеќе од 23.000 осигуреници лани искористиле приватно здравствено осигурување за покривање трошоци од прегледи, интервенции, лекување и други медицински услуги. Девет осигурителни компании исплатиле 3,4 милиони евра за медицински трошоци покриени со приватно здравствено осигурување
Бројот на граѓани кои имаат приватно здравствено осигурување лани се зголемил за 60 отсто и надмина 182.000 осигурени лица. Приватното здравствено осигурување останува најбрзо растечки осигурителен производ од појавата на здравствената пандемија до сега. Лани се склучени повеќе од 18.000 договори за приватно здравствено осигурување со што бројот на активни договори за оваа осигурителна класа надмина 62.000, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Во приватно здравствено осигурување вложуваат граѓани лично, но и компании кои плаќаат осигурување за нивните вработени да можат да користат спектар од медицински услуги на приватните болници во земјава.
Оваа осигурителна класа овозможува осигурителните компании да покриваат трошоци за прегледи, третмани, интервенции и различни медицински услуги кои ги нудат приватните болници во земјава. За покривање на такви трошоци во приватното здравство 10 осигурителни компании за неживотно осигурување лани од осигуреници наплатиле вкупно 405 милиони денари (6,6 мил.евра). Минатата година вложувањата во приватно здравствено осигурување пораснале за 48 отсто (2,1 мил.евра) во споредба со 2020 година.
Осигурителните компании лани исплатиле над 23.000 штети т.е. барања за покривање на трошоци на осигурени граѓани за медицински услуги покриени со приватното здравствено осигурување. Бројот на барања за покривање на трошоци покриени со приватно здравствено осигурување лани е удвоен во споредба со 2020 година. Девет осигурителни компании за неживотно осигурување лани исплатиле над 211 милиони денари (3,4 мил.евра) трошоци за медицински услуги покриени со полисите за приватно здравствено осигурување. Износот на исплатени средства за покривање медицински трошоци лани е удвоен во однос на 2020 година.
Девет компании за осигурување неживот лани исплаќале штети за здравствено осигурување и тие се: „Кроација осигурување – неживот“, „Триглав Осигурување“, „Еуролинк“, „Еуроинс осигурување“, АДОР „Македонија осигурување ВИГ“, „Сава осигурување“, „Уника“ „Халк Осигурување“ и „Винер ВИГ“ . Најголемата исплатена штета за активирано здравствено осигурување, поединечно по компанија, се движи во распон од 277.000 денари до 615.000 денари (од 4.500 евра до 10.000 евра).
Приватното здравствено осигурување е осигурителен производ што нуди поквалитетна здравствена заштита за осигуреникот затоа што овозможува прегледи, лекувања, интервенции и други здравствени услуги во приватно здравство.
Дополнително оваа осигурителна класа индиректно го намалува притисокот и врз јавните здравствени установи така што овие осигуреници имаат покритие да користат услуги од приватните болници. При тоа медицинските услуги се финансираат од осигурителните компании, а не од државниот буџет.
ПР текст