Над 13.000 административци бараат повисоки плати

by Fokus

Околу 13 илјади вработени во судовите, општините и останатите институции протестираа со двочасовен прекин на работата. Во последните десет години ниту денар не им е зголемена платата на административците согласно растот на минималната плата, велат од Синдикатот на правосудството и управата, УПОЗ.

Со последното зголемување на минималецот, административците бараат линеарно да пораснат и другите плати.

-Се случува референтите кои во Агенцијата за катастар се околу 60 проценти од вработените и ги решаваат сите предмети на граѓаните, да земаат под минималната плата. Значи, сите референти со средно образование земаат под минималната плата, рече Љубиша Јовановски-Претседател на синдикат на Катастар.

Административците и утре ќе одржуваат протести со двочасовен прекин на работата, а доколку нема слух од власта, ќе преземат и други чекори.

-Двата дена денеска и утре ќе поминат, ќе седнеме ќе го слушнеме гласот на членовите на синдикатот и ќе се договориме за понатаму. Битно е да се знае дека нема да дозволиме ниту еден вработен да биде казнет, рече Трпе Деановски претседател на УПОЗ.

Претседателот на Сојузот на синдикати, остава простор сите синдикати во земјава заеднички да делуваат, иако имаат различни барања за раст на останатите плати.

-Ние имаме барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари каде што мислиме дека ниту еден вработен нема да биде обесправен. Прво треба да ги усогласиме барања дека ние сме солидарни заедно за нашите барања со работодавачите и Владата, рече Дарко Димовски- Претседател на ССМ.

Премиерот Димитар Ковачевски останува на ставот дека зголемувањето на останатите плати не може да биде одеднаш бидејќи ќе се создадела инфлација.

 

Поврзани новости