Хамас предупреди дека може да го прекине учеството во преговорите за ослободување на заложниците, откако здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 100 Палестинци биле убиени додека чекале на ред за хуманитарна помош во Газа.
„Преговорите предводени од раководството на движењето не се отворен процес по цена на крвта на нашиот народ“, се вели во соопштението на Хамас.
Официјален претставник на Хамас, Изат ал Ришк, рече дека сегашните преговори со Израел нема да бидат „покритие за продолжување на злосторствата на непријателот“.
Над 100 Палестинци беа убиени додека ја чекаа испораката на помош во северниот дел на Газа, за што Министерството за здравство предводено од Хамас ги обвини израелските сили, а палестинските медиуми цитираа медицински извори кои велат дека израелските војници пукале врз толпата.
Извор од израелската војска рече дека војниците отвориле оган бидејќи верувале дека војниците биле „под закана“. Во соопштението на израелските одбранбени сили (ИДФ), исто така, се вели дека десетици загинати биле прегазени од камиони.
Канцеларијата за медиуми на палестинската управа во Газа под контрола на Хамас тврди дека 104 Палестинци се убиени, а 700 други се ранети во израелските воени напади.
Белата куќа денеска соопшти дека ги истражува извештаите дека израелските сили отвориле оган врз Палестинците кои чекале хуманитарна помош во близина на градот Газа, опишувајќи го како „сериозен инцидент“.
„Жалиме за загубата на невини животи и ја препознаваме страшната хуманитарна ситуација во Газа, каде невините Палестинци само се обидуваат да ги прехранат своите семејства“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Тој додаде дека инцидентот ја нагласува важноста од проширување и одржување на протокот на хуманитарна помош во Појасот Газа, вклучително и за време на потенцијален привремен прекин на огнот.