Над 100 бегалци спасени во близина на грчкиот остров Лезбос

by Fokus

Крајбрежната служба на Грција во три одвоени случаи во морскиот дел во близина на островот Лезбос, рано утрово открила и спасила 115 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Во сите случаи мигрантите се превезувале во чамци и биле откриени при редовна патрола на бродови на крајбрежната служба.

Во едниот чамец имало 68 лица, во вториот 42, а во третиот случај петмина бегалци. Спасените биле безбедно пренесени на пристаништето во градот Митилини на Лезбос, а оттаму во центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти.

Паралелно, според грчката новинска агенција АНА-МПА во тек е голема акција на крајбрежната служба во близина на Пелопонез, откако јахта со околу 90 нелегални мигранти и бегалци била забележана од авион на Фронтекс.

На товарен брод биле пренесени 25 лица од товарен брод што бил во близина, а шест биле преземени од јахта и префрлени на пристаништето во Пилос, додека пак останатите, според АНА-МПА се очекува да бидат префрлени во друг товарен брод и сите да бидат однесени на пристаништето во градот Каламата.

Поврзани новости