Со новите КОВИД-случаи во вчерашната статистика, бројот на активни заразени лица во земјава надмина десет илјади (10.383), а вкупниот број инфицирани од почетокот на епидемијата кај нас достигна 234.277.
По Скопје, каде што во моментов потврден вирус имаат 6212 луѓе, со највисоки бројки следуваат Битола со 876 и Прилеп со 535. Од новодијагностицираните 813, во главниот град се 549, а следни со најмногу нови заразени се Битола – 49 и Куманово – 40.
Движењето „Поддршка за онлајн-настава“ вчера побара второто полугодие од учебната 2021/2022 да почне со онлајн-настава поради нагорната линија на позитивни лица и затоа што, како што велат, нема услови за настава со физичко присуство.
– Децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците, цели семејства. Ако со делтата и со првиот вухански сој се заразуваа еден-двајца, во овој случај се заразуваат буквално сите. Сметаме дека во училиштата досега, во првото полугодие, не се придржуваа до протоколите, изјави Ана Глигорова, претставник на движењето произлезено од фејсбук-група која има 15 илјади членови.