Собранието почна процедура да се затвори македонската Агенцијата за нуклеарна технологија формирана во 2010 година. За нејзиното постоење имаше и закон донесен во 2010 година, на предлог на тогашниот министер за образование Никола Тодоров. После 14 години дојдено е до заклучок дека постоењето на Агенцијата е непотребно, а секоја година до сега од буџетот биле плаќани пари за хонорари на членовите на управниот одбор. Агенцијата стана популарна со „бомбите“ на опозицијата во 2015 година, кога на дел од разговорите се слушаше како место научници и физичари, се вработувале партиски луѓе.
Агенцијата беше формирана за да да учествува во научните програми на Европската организација за нуклеарни истражувања ЦЕРН, во неа да има инженери, научници кои ќе работат на проектите на ЦЕРН и да соработува со македонските и странските организации за нуклеарни технологии. Последните пари што ги потрошиле биле 2.5 илјади евра за теписи во мај 2014 година.
„Фокус“ пишуваше дека илјадници луѓе се вработени во околу 300 непознати државни органи од вкупно 1.371 институција, која ја формирал кој било орган од јавниот сектор. За овие институции, агенции, заводи и тела никој не слушнал, а сите функционираат со директори, управни и надзорни одбори, имаат на располагање службени возила и солиден годишен буџет. Во официјалниот регистар се наведени вкупно 14 институции, кои во 2023 година немале ниту едно вработено лице, но имале директори.
Текстот е објавен на 7 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.518.
Пишува: Орце КОСТОВ
Додека се чека на пругата кон Бугарија и на брзата железница кон Белград и кон Солун, додека товарниот сообраќај кубури со локомотиви и ги изнајмува од соседството, а патничкиот сообраќај речиси и да не функционира, Собранието на 12 ноември ќе избира нов Управен одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.
За претседател и два члена на УО се номинирани тројца правници, кои ќе треба да ја регулираат работата на Агенцијата, која има само двајца вработени и еден директор.
„Задача на Агенцијата е промоција на овој транспортен систем, кој е економски најповолен сообраќаен систем за Република Северна Македонија како континентална земја, како за товарниот, така и за патничкиот сообраќај, а воедно и пријателски ориентиран кон човековата околина.
Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор има значајна улога во либерализацијата на железничкиот сектор во Република Северна Македонија, а со тоа и во воведување конкуренција меѓу транспортните компании на пазарот на железнички услуги. Агенцијата го обезбедува и недискриминаторскиот однос на управителот на Инфраструктурата кон сите транспортни компании“, пишува на официјалната интернет-страница на Агенцијата во резимето за државниот регулатор.
Со кликање на рубриките на сајтот може да ви отвори нови прозорци во пребарувачот со сомнителни сајтови за рекламирање, но ако ви се посреќи, може да видите дека оваа година Агенцијата издала три дозволи за транспорт, во 2022 ниту една, а во 2021 година само една дозвола.
Оваа Агенција е регулаторно тело надвор од Министерството за транспорт, под чија капа, пак, е Управата за железничкиот сектор.
Каква-таква оваа Агенција, сепак, постои за железницата, која е видлива со голо око, за разлика од фантомски институции во Македонија кои биле формирани за да не прават буквално ништо или формирани за да се вработат партиски кадри.
До пред неколку години, земјава имаше Национална агенција за нуклеарни технологии, која беше формирана во 2010 година, а целта, според законот, ѝ беше поблиска соработка со европската ЦЕРН. Агенцијата беше сместена во зградата спроти Уставниот суд, веднаш до Советот за јавни обвинители.
Според податоците од извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација, немаше ниту еден вработен со години и последни средства што биле потрошени од сметката на НАНТ (кратенка за агенцијата) биле 2.500 евра за теписи во мај 2014 година.
Податоците од „Отворени финансии“ покажуваат дека на нивната сметка легнувале трошоци за патувања во странство, додека хонорари добивале само членовите на Управниот одбор. Агенцијата била финансиски активна само две години.
Во јавноста стана позната по „бомбите“ на опозицијата во 2015 година, кога на дел од нив се слушаше како на местото на научници физичари се вработуваат партиски војници. Во првите пет години од основањето, оваа агенција според буџетските планови имала на располагање речиси 400 илјади евра.
ДРЖАВНИ ОРГАНИ ЗА КОИ НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТ
Илјадници луѓе се вработени во околу 300 непознати државни органи од вкупно 1.371 институција, кои ги формирал кој било орган од јавниот сектор. За овие институции, агенции, заводи и тела никој не слушнал, а сите функционираат со директори, управни и надзорни одбори, имаат на располагање службени возила и солиден годишен буџет.
Освен Национална агенција за нуклеарни технологии, постојат Агенција за поддршка на претприемништвото, Агенција за остварување на правата на заедниците (а постои толкаво паралелно Министерство), Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ, Инспекторат за употреба на јазиците…
Покрај Државен инспекторат за животна средина, во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање има Служба за животна средина и Служба за просторен информативен систем.
Никој не знае од каква корист се агенциите со вработени, кои се бројат на раце, освен за поставување партиски директор, најчесто од помалите коалициски партии за поткусурување.
За да се оправда постоењето на овие институции за вдомување партиски кадри, им се измислуваат имиња и категоризации. На пример, постои Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а притоа има и Агенција за остварување на правата на заедниците.
По донесувањето на Законот за употреба на јазиците, за една иста работа постојат два органи со ист назив, едниот се вика агенција, другиот инспекторат. Станува збор за Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ и за Инспекторат за употреба на јазиците.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој покрај нормалните органи, има и два слични органи: Управа за семе и семенски материјал и Управа за заштита на растенијата. Едната е за дел од растение, другата е за цело растение.
Спротивно на законот, од 13 инспекторати, кои им се столбови на министерствата, со лекс специјалис закони, во последниве години се направени дури 32.
РЕГИСТАР НА ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР
Според Регистарот на вработените во јавниот сектор, во јавниот сектор активни се 1.371 институција, во кои работен однос имаат засновано 128.879 лица.
Од нив 18.710 лица се вработени во Армијата на Република Северна Македонија, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи и органот во негов состав – Бирото за јавна безбедност, како и во органот во состав на Министерството за финансии – Управата за финансиско разузнавање со статус на овластени службени лица.
Заклучно со 31 декември 2023 година, во Регистарот се води евиденција за 1.371 институција на јавниот сектор. Споредено со извештајот за 2022 година, кој содржеше податоци за 1.354 институции, бројот на институции на јавниот сектор е зголемен за 17. Доколку се разгледаат податоците за секоја од институциите одделно, може да се види дека 18 се нови институции, а 1 институција е избришана.
Како основачи на институциите во јавниот сектор се владата, која основала 440 субјекти, општините и Градот Скопје имаат формирано 829 институции, Собранието, кое основало 31 институција, и претседателот, кој основал еден субјект.
Најголем број институции се јавни установи, кои се вкупно 932. Од нив, во областа на образованието се 550, во областа на здравството 110, во областа на културата 128, во областа на труд и социјала 127, во областа на правда (КПУ и ВПУ) 12, во областа на животна средина 4 и од областа на информатичко општество (МАРнет) е една институција.
Вкупниот број на јавни претпријатија е 159, од кои 115 се јавни претпријатија за комунални работи, 8 се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, 17 се транспортни јавни претпријатија, 2 јавни претпријатија од дејноста информирање, 1 јавно претпријатие од дејноста информатичко општество и 15 јавни претпријатија од други дејности од јавен интерес (спорт, урбанистичко планирање, енергија, третман на бездомни животни и други).
ИНСТИТУЦИИ БЕЗ НИЕДЕН ВРАБОТЕН
Во Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација се наведени вкупно 14 институции, кои во 2023 година немале ниту едно вработено лице, но имале директори.
Постојат 160 институции до 10 вработени, до 50 вработени се 505 институции, до 100 вработени имаат 401 институција, до 500 вработени се 47 институции, а 25 институции имаат над 500 вработени.
Разгледувајќи ги Регистарот и буџетот за 2024 година, може да се види дека за сите институции има посебни ставки за исплата на пари за тековното работење.
Меѓу нив се и Регулаторната комисија за домување со двајца вработени, која има буџет од 200.000 евра, Државниот девизен инспекторат со 8 вработени и буџет од 150.000 евра, Државниот инспекторат за локална самоуправа и буџет од 130.000 евра, Управата за електронско здравство со 9 вработени и реализиран буџет од 19 милиони денари, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи со 4 вработени и буџет за 2024 од 11,5 милиони денари, Агенцијата за поддршка на претприемништвото со 12 вработени и реализиран буџет од 81 милион денари, Дирекцијата за радијациона сигурност со осум вработени и реализација од над 15 милиони денари или околу 250.000 евра…
„Фокус“ им испрати прашања на институциите за кои никој во јавноста не слушал какви надлежности имаат, што регулираат, колку предмети имаат сработено во последните четири години и со колкав буџет располагаат за тековната 2024 година…?
Одговорија само Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи (АКАЗУМ) и од Државниот инспекторат за локална самоуправа (ДИЛС).
Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи е основана во 2013 година, од страна на владата како независен орган на државната управа, а со работа почнува во јули 2014 година.
Акредитацијата претставува постапка на оценување на квалитетот на работата на здравствените установи врз основа на применување на оптималното ниво на утврдените стандарди за работа на здравствените установи во одредена област на здравствената заштита, односно гранка на медицината.
Една од основните цели на Агенцијата е преку постапката на акредитација и едукацијата на здравствениот сектор постојано унапредување на квалитетот на работа на здравствените установи, зголемување на безбедноста на пациентите, подигнување на свесноста за потребата од создавање еднакви или приближно еднакви услови на пружање здравствени услуги во целиот систем на здравствена заштита, како и зголемување на довербата на корисниците во рамки на системот за здравствена заштита.
Агенцијата, во моментов, има вкупно вработени 5 лица, со високо образование од областа на фармацијата, биохемијата, стоматологијата, здравствен менаџмент, како и надворешни соработници како обучени надворешни оценувачи во процесот.
„До сега во Република Северна Македонија, Агенцијата има издадено вкупно 39 сертификати за акредитација на здравствени установи, и има спроведено повеќе од 100 мониторинзи на акредитирани здравствени установи. Во напредна фаза на подготовка за акредитација се уште 4 здравствени установи.
Процесот на подготовка и едукација на здравствената установа се одвива во фази, и во просек трае од 9 до 18 месеци, во зависност од почетната проценка на Агенцијата за усогласеноста на здравствената установа со бараните стандарди, големината на здравствената установа, специфичната дејност и од посветеноста на здравствената установа на исполнување на стандардите.
Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, во текот на 2024 година располага со 11.558.000 денари средства од буџетот на Република Северна Македонија.
Средствата со кои располага претежно се однесуваат на плати за вработените и тековни паушални трошоци. Потребата од дополнителни средства е неминовнa, со оглед на тоа што обемот на работа на агенцијата се зголемува, а со тоа се зголемува и потребата од човечки ресурси, што генерира и зголемени трошоци“, одговорија од Агенцијата.
Главната цел на Државниот инспекторат за локална самоуправа е унапредување на системот на локалната самоуправа. Основните надлежности на Инспекторатот се надзор над законитоста на прописите на општините и надзор над постапката за донесување на прописите на општината.
„Од податоците во евиденцијата што ја води инспекторатот, во последните 4 (четири) години архивирани се вкупно 5.612 службени гласници од 80 општини и Градот Скопје.
Во Деловодникот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, во последниот период од последните 4 (четири) години се заведени вкупно 1.879 предмети.
Буџетот на институцијата за 2024 година изнесува 8.148.000 денари и не е доволен за остварување на целите на институцијата “, велат од ДИЛС за „Фокус“.
НИКОЈ НЕ САКА ДА ГИ УКИНЕ ФАНТОМСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ
За платите на јавната администрација за 2025 година се предвидени 780 милиони евра, на кои се додаваат 32 милиони евра за планираното покачување на платите во образованието, 84,5 милиони евра за покачување на платите во здравството и 23 милиони евра за растот на минималната плата.
Од планираните расходи од 6,5 милијарди евра, дури 930 милиони евра ќе чинат платите за администрацијата, која работи во над 1.300 институции.
Професорот од Правниот Факултет, Ванчо Узунов вели дека потребна е сериозна реформа во јавниот сектор, освен периодичното покачување на платите. Тоа е крупна реформа, во која прво треба да се направат сериозни анализи во институциите, посебно онаму каде што се удвојуваат или триплираат надлежностите.
– Потребна е многу посериозна реформа на тој сектор, освен покачување на платите. Ако се зборува само за тоа, нема да има ефект, освен тие во одреден период да бидат задоволни. Цела реформа на целиот јавен сектор е многу крупна реформа. Македонија сега има недостиг од работна сила.
Приватниот сектор може да го искористи тоа, но и тој не сака да ги покачи платите и да го извлече најдоброто од јавниот сектор. Тогаш јавниот сектор ќе се најде во сосема безизлезна ситуација затоа што ќе остане со ниски плати и со неквалитетна работа сила. Ќе мора да се прави нешто, само платите ги покачуваа туку-така и тоа не дава ефекти.
Треба да се направи промена, има луѓе во администрацијата што многу работат и придонесуваат, а има и еден куп што не работат ништо. Тоа треба да се исчисти прво. Не работиш, догледање, не работи како што треба, догледање. Тие што многу работат многу добро, награди ги.
Тоа е многу покомплексна реформа отколку да седнеме со СОНК, па ќе преговараме за покачување плати. Тоа ништо не постигнува. Многу е комплексна реформата, а владите по дефиниција се плашат од неа како од најголемо зло.
Реформа на јавниот сектор – страшно се плашат од неа. Владата само ги промени раководните личности, тоа не е реформа, туку замена, едни одат, доаѓаат други – вели тој за „Фокус“.
Бројките покажуваат дека во 2014 година, платите на административците го чинеле буџетот 384 милиони евра. Додека, пак, годинава, со ребалансот се одвоени речиси двојно повеќе пари или 724 милиони евра биле потребни за подмирување на платите на државниот апарат. Додека, пак, во 2025 година ќе одвоиме уште најмалку 200 милиони повеќе – или 930 милиони евра, за плати и надоместоци на администрацијата.
Професорот Борче Давитковски реагира и вели дека над една петтина од буџетот, наместо за развој, секогаш ни завршува за плати на гломазниот и партизиран државен апарат.
– Досега, барем досега, оваа влада, уште не знам, но претходните влади немаа политичка волја да направат вистинска реформа, односно лепачите на плакати итн., кои седат дома и примаат плата, да ги отстранат од работа.
Автоматски се направи една гломазна, бирократизирана, партизирана јавна администрација, која на уштрб на буџетот и на уштрб на другите вработени во реалниот сектор ги уживаат привилегиите што се припадници на одредена политичка партија – вели Давитковски за телевизијата ТВ21.
ВЛАДАТА РАСПИШУВА НОВИ ОГЛАСИ
Наместо да се кратат трошоците во буџетот и да се прави долгонајавуваната прераспределба на вработените во јавниот сектор, новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, формираше нови министерства, нови институции за кои се потребни нови управни и надзорни одбори за контрола на работењето на институциите.
Владата неодамна објави јавен повик со кој бара кандидати кои сакаат да бидат членови на управен или пак на надзорен одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, на Јавно претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија – Скопје“, за Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ Скопје.
Со овој оглас, владата очекува кандидати за истите позиции и за Јавно претпријатие за стопанисување со пасишта – Скопје, како и за Јавно претпријатие за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица“ – Пробиштип.
Во групата е и Јавно претпријатие за водостопанство „Лисиче“ – Велес, потоа Јавно претпријатие „Стрежево“ – Битола, Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“ – Скопје, но и Јавно претпријатие за државни патишта, и на крај последно во групата, десет јавни претпријатија за кои се бараат кандидати за членови на управен и надзорен одбор е Јавно претпријатие Колекторски систем.
Покрај овие кандидати, владата, исто така, бара и пет кандидати за Управниот одбор и тројца за Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие за берзанско работење Агро-берза Скопје.