Група на жени од Штип, вљубенички во планините и природата, организираше чистење на дива депонија, во близина кај Мирјанина црква.
Еколошката акција се случи вчера, а групата од околу 20 жени, веќе денес е на расчистување на нова локација, покрај Козјачка Река, на околу 20 километри од Штип.
Голем број на граѓани воодушевено го прифатиле апелот на планинарките и се вклучиле во вчерашната акција. Се собрале над 1.000 вреќи со отпад, а покрај планинарките, познати во Штип како Колоритни, во чистењето учествувале и ученици од ООУ Славејко Арсов, извиднички одред Еквинокс, младинска организација на Турците, ЈП Исар, но и многу совесни луѓе.
-Жените од Колоритни се светла точка во секојдневното сивило. Ова не е нивна прва акција, познати се во Штип по својата грижа за околината и по љубовта кон природата. Станува збор за прекрасни жени, грижливи и баш, од акција. Некои од нив се професорки, економистки, правнички, инспекторки… Наместо да ги минуваат викендите во ресторани, тие ја средуваат околината на градот – ни раскажаа штипјани кои биле дел од вчерашната голема еко акција.
Додаваат дека целиот настан бил добро организиран, од спонзори дури биле испечатени и маици со логото на Колоритни. Најавата за акцијата била објавена на страницата на Штипска Идила, а одзивот на граѓаните бил голем.
-Се обезбедија ракавици, вреќи за отпад, се работеше синхронизирано и во добро расположение. Фотографиите со вреќите полни со отпад зборуваат за важноста на оваа акција. Многу места во околината, кои се атрактивни за излетниците се преполни со ѓубре, фалеше ваква иницијатива во општината, која треба да послужи и како поука, дека мораме да ја чуваме околината чиста – ни изјавија штипјани.
Вики Клинчарова