Началник од МВР денеска сведочеше на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој го имал првиот контакт со родителите на девојчето, кога веќе постоеле индиции дека Вања е киднапирана. Рече дека таткото, Александар Ѓорчевски, на него и на колегите им бил чуден.
-Мајката беше поприбрана и сталожена, а однесувањето на таткото на почетокот ни беше чудно. Беше конфузен, беше потиштен, при многуте изјави што го прашувавме, рече Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.
Тогаш почнала потрагата, односно сведокот ја барал Вања со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски.
-Мајката кажа дека има стан во Капиштец, но нема клучеви, дека се кај таткото. Бараше да се оди, да се прави претрага, но тој рече дека веќе бил таму и нема зошто да се оди. Јас инсистирав и отидовме. Влеговме во гаражата и се качивме со лифт. Го отвори станот. Побаравме да не има некое писмо, но за цело време таткото велеше дека ќерката е киднапирана, дека е убиена, рече Каришиќ.
Тој истакна дека таткото на Вања исто така конфузно говорел да се провери по мафијашки кругови, дека ако баараат откуп ќе платат. Потоа потрагата продолжила кон паркот во Капиштец.
-По пат цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме, ама ајде ќе одиме. Остана во возилото, запали цигара и не излезе. Тогаш се запрашавме зошто не излегува од возилото како татко да бара. И неговиот роднина велеше, еве јас барам, а тој седи во кола. Го прашав зошто не излезе, повторно имаше конфузија, и пак рече, таа е киднапирана, таа е убиена, џабе тука бараме, посочи началникот.
Биле и до Средно Водно и истото се случило и таму. Таткото останал во возилото.
-Повторно со роднината коментиравме зошто не излегува од возилото, рече началникот.
Тој појасни дека го прашал Александар зошто така мисли, дека девојчето е киднапирано, дали должи некому, дали има некои проблеми, закани, но тој негирал. И мајката кажала дека поранешниот сопруг е специфичен, тешко и било да го објасни.
Судењето е во тек.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Валентина Вурмо