Пред речиси два месеци Европската комисија ја усвои Предлог-преговарачката рамка, која го уредува текот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Откако преговарачката рамка ќе помине низ неколку филтри, на есен или на зима, се очекува да се случи и првата меѓувладина конференција. Тогаш со отворање на првото поглавје и официјално нашата држава ќе ги почне преговорите за членство во Унијата.
Со новата методологија е предвидено наградување, но и казнување на земјите- кандидати, во зависност од нивниот напредок. Доколку земјата добро и ефикасно ги имплементира реформите, тогаш набрзо ќе слeдуваат и придобивките, односно приклучување кон пазари и програми. Доколку пак земјата назадува, тогаш земјите-членки ќе имаат право на суспензија.
Процесот на преговори, во согласност со новата методологија, ќе се води зa триесетина поглавја поделени во 6 кластери – основни вредности (фундаменти), внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделие и надворешни односи.
Клучен фокус во преговори со ЕУ ќе биде ставен на првиот кластер, фундаменти, односно владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите.
1.Основни вредности:
(23) Правосудство и основни права;
(24) Правда, Слобода и безбедност; Економски критериуми; Функционирање на демократски институции; Реформа на јавна администрација;
(5) Јавни набавки;
(18) Статистика и
(32) Финансиска контрола
2.Внатрешен пазар:
(1) Слободно движење на стоки;
(2) Слобода на движење на работници;
(3) Право на основање и слобода на давање услуги;
(4) Слободно движење на капитал;
(6) Закон за трговски друштва;
(7) Закон за заштита на интелектуална сопственост;
(8) Политика на конкурентност;
(9) Финансиски услуги;
(28) Здравствена заштита и заштита на потрошувачи.
3. Конкурентност и инклузивен раст:
(10) Информатичко општество и медиуми;
(16) Даноци;
(17) Економска и монетарна политика;
(19) Социјална политика и вработување;
(20) Индустриска политика;
(25) Наука и истражување;
(26) Образование и култура;
(29) Царинска унија
4. Зелена агенда и одржлива поврзаност:
(14) Транспортна политика;
(15) Енергија;
(21) Трансевропска мрежа;
(27) Животна околина и климатски промени
5. Ресурси, земјоделство и кохезија
(11) Земјоделство и рурален развој;
(12) Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика;
(13) Рибарство;
(22) Регионална политика и координација на структурни инструменти;
(33) Финансиски и буџетски одредби
6. Надворешни односи
(30) Надворешни односи;
(31) Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
Затворањето на поглавјето значи дека државата ги исполнува критериумите поставени од ЕУ во таа област, но е привремено, бидејќи секое од поглавјата може повторно да се отвори, сè до крајот на преговорите. За напредокот во исполнувањето на одредниците од овие поглавја се поднесуваат шестмесечни извештаи.
Доколку реформите се движат во посакувана насока, еден кластер може да се отвори и да се затвори за период од една година. Ова математички би значело дека доколку реформите се спроведуваат добро, сите шест кластери би можеле да ги затвориме за шест години. Но постои и пократок начин. Поточно, методологијата не ограничува паралелно, во исто време, да бидат отворени и да се преговара за два или повеќе кластери. Или не е пречка доколку еден кластер не е затворен, да се отвори нов.
-Не постои секвенционирање на кластерите. Единственото секвенционирање е што прв го отвораме кластерот за владеење на правото и целите преговори ги затвораме со владеење на правото. Редоследот на приоритети ќе зависи од конкретната земја, зашто зборуваме за внатрешни реформи, економски, социолошки, правни, уставни реформи и секоја држава има свое темпо, своја политичка агенда која треба да се врами во пристапните преговори. Така што, ќе биде политички избор на секоја земја за што прво ќе се нафати, појасни неодамна Оливер Вархеји, европскиот комесар за проширување.
По затворањето на сите поглавја, ЕК изготвува финален извештај за пристапните преговори и потоа се изготвува договор за пристапување, кој едногласно се носи на Eвропскиот совет. Овој договор подлежи на ратификација на сите држави членки согласно нивните уставни процедури, процес кој обично трае околу две години.
В.В.