Во срцето на Скопје, на ѕидот на Кинотеката на Македонија, Ротаракт Клуб Скопје Центар, како дел од својата програма за 2023/2024 година и по повод одбележување на 10-годишниот јубилеј, постави впечатлив мурал посветен на Мето Јовановски – еден од најзначајните македонски актери и културни дејци.
„Денес, една година по неговата смрт, му оддаваме признание за ликот и делото кое остави неизбришлив белег во историјата на македонскиот театар и кинематографија. Мето Јовановски е симбол на македонската уметност, познат по своите маестрални улоги и огромен придонес кон културното богатство на нашата земја.
Муралите, како современ начин на оддавање почит, претставуваат силен визуелен потсетник за значајни личности и настани во историјата. Овој мурал, поставен на фасадата на Кинотеката на Македонија – домот на македонската кинематографија, е уметнички израз кој ја истакнува суштинската улога на културата и уметноста во нашето општество. Тој ќе служи како инспирација за идните генерации и како трајно сеќавање на Мето Јовановски.
Овој проект е особено значаен бидејќи е реализиран по повод 10-годишниот јубилеј на Ротаракт Клуб Скопје Центар. Клубот, кој постојано придонесува за развојот на заедницата, го реализираше проектот благодарение на финансиска поддршка од сопствениот буџет и донации собрани на музички настан организиран за промоција на млади уметници“ наведуваат од Ротаркт Клубот.
Муралот е изработен од талентирани студенти на Факултетот за ликовни уметности – уметниците Евгенија Трајковска и Драган Илиќ. Како што велат од клубот, проектот има двојна цел: да ги промовира младите уметници и да оддаде почит на великанот на македонската култура.
Со поставување на овој мурал, Ротаракт Клуб Скопје Центар продолжува да ја остварува својата мисија – да ја инспирира младата генерација да ја почитува и негува македонската културна традиција. Муралот ќе остане како траен белег за значењето на уметноста и културното наследство, сведочејќи за посветеноста наклубот во градењето подобро општество, порачаа од клубот.