Во земјава вкупно недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак на половина од вкупно 33-те служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат вакви тимови за да се запази законскиот минимум.
Во моментов земјава располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Така, во однос на состојбата во 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.
Инаку, Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.
Според податоците добиени од центрите, најлошо во овој поглед стојат Скопје, каде недостигаат 18 тимови за итна помош и Тетово, каде недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. По пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.
Законскиот минимум со тимови за итна медицинска помош го задоволуваат 6 градови: Виница, Демир Хисар, Крива Паланка, Пехчево, Свети Николе и Штип.
Повеќе од минимумот имаат 11 здравствени центри, меѓу кои најдобро во овој поглед стојат Битола, Делчево со Македонска Каменица, Кичево и Кочани – секаде има дури по 3 или 4 тимови повеќе отколку што предвидува законскиот минимум.
Постојат огромни разлики во бројот на жители што ги покрива итната медицинска помош. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим „покрива“ дури по околу 40.000 жители дневно.
Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно. Најдобро “покриени“ со итна медицинска помош се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.
Од поголемите градови, добро стојат Крива Паланка, Неготино, Делчево и Македонска Каменица – каде еден тим покрива по околу 4.000-5.000 жители дневно.