Бугарскиот новинар, Костадин Филипов, вели дека Бугарија може да се противи на евентуалното решение за името кое би го договориле Македонија и Грција. Според дел од бугарските политички кругови, вели Филипов, името со географска одредница Северна или Горна би можело во иднина да ги поттикне грчките претензии кон Пиринскиот крај.
-Од трите варијанти Северна, Горна или Вардаска Македонија изгледа властите во Софија би сакале решението да биде Вардарска Македонија бидејќи тоа е поблиску до денешната слободна, независна и суверена Македонија – изјави Филипов за емисијата „Фактор магазин“ на ТВ24.
Филипов вели дека според некои неофицијални информаци повеќе од 100 илјади македонски граѓани веќе имаат бугарско државјанство, додавајќи дека интересот кај Македонците за бугарски пасош и понатаму ќе биде голем сѐ додека Македонија не влезе во ЕУ.
-Многу од пратениците на ВМРО ДПМНЕ имаат бугарски пасоши, бугарско државјанство, а не влегоа во Собранието да гласаат за ратификација на Договорот за добрососедство и соработка. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ можеа барем да присустуваат во Собранието за да има поголем легитимитет гласањето, без разлика што се против Договорот меѓу Македонија и Бугарија. Тоа беше срамна одлука на пратениците на најголемата опозициска партија. Кога веќе го бојкотираат гласањето за ратификација на Договорот за Добрососедство, тогаш пратениците од ВМРО ДПМНЕ нека ги вратат бугарските пасоши – порача доајенот на бугарското новинарство и долгогодишен дописник на БНТ од Скопје.