На власта не и пречат лицата на црната листа на САД во сопствените редови

by fokus

Во април годинава црната листа на САД беше проширена со поранешниот премиер Никола Груевски, како и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Ова предизвика препукување меѓу владејчката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ја напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ дека, како што го нарекоа, шефот на Мицкоски, се нашол на црната листа и дека ВМРО-ДПМНЕ била истата криминална партија од тоа време.

Но, кои македонски функционери се на црната листа, освен Груевски и Мијалков?

Интересно е што дел од оние кои се на црната листа се дел и од владејчката коалиција предводена од СДСМ. Станува збор за лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како и претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.

Поранешниот министер за внатрешни работи беше и советник за привлекување странски инвестиции на поранешниот премиер Зоран Заев.

Освен овие четворица, на црната листа на САД се и Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.

Бошкоски се уште е на црната листа

Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот.

На овие лица им се забранува патување и вршење финансиски активности во САД. Лицата од оваа листа, според американските власти, претставуваат потенцијална опасност за националната безбедност и интересите на државата.

Црната листа на САД за Западен Балкан вклучува официјални лица кои се сметаат за закана за договорите кои му помогнале на регионот да постигне мир од конфликтите во 1990-тите и раните 2000-ти, вклучително и Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој стави крај на внатрешниот конфликт во Македонија меѓу етничките албански бунтовници и безбедносните сили; Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која стави крај на војната во Косово и Дејтонскиот договор од 1995 година, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен при едно од последните проширувања на црната листа прецизираше дека новата Извршна наредба предвидува санкции против лица чии акции го дестабилизираат регионот со поткопување на демократските институции и владеењето на правото или со кршење на човековите права.

-САД се посветени на обезбедување на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, дозволувајќи им на земјите во регионот да го исполнат својот потенцијал како слободни и просперитетни демократии. Ние, исто така, се залагаме за борба против корупцијата и покажување на предностите на транспарентното и одговорно владеење, рече државниот секретар неколку моменти откако Белата куќа ја објави наредбата во 2021 година.

„Фокус“ се обиде да добие став од владејачката СДСМ како гледаат на тоа што во својата коалиција имаат лица кои се на црната листа на САД, но до објавување на текстот одговор не добивме.

К.С.Б.

Поврзани новости