Владата на денешната седница донесе Oдлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.
Согласно одлуката се утврдува цена во висина: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони.
Министерството за економија, како предлагач на Одлуката, соопшти дека врз основа на спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Северна Македонија, како и имајки ги во предвид најновите податоци од Царинската управа, е утврдено дека увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена, поради претстојните празници.
Ова, како што стои во образложението на Министерството, е причината, поради којашто се предлага измена на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, којашто стапи на сила на 3 април 2023 година, а со што цените на дел од производите опфатени во оваа Одлука се зголемуваат сразмерно на зголемувањето на увозната цена за нив.
Владата денеска заклучи и да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје, да ја констатира оставката на Васко Ковачевски од должноста член и претседател на Управен одбор, со назив – генерален директор, а за членови на Управниот одбор на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје, да ги избере: Васко Стефанов за член на УО, којшто носи назив – генерален директор и Марија Пејкова – за член на УО – директорка за финансиски работи.