На ,,Валандово Фест” беше потешко отколку на ,,Ѕвездите на Гранд” вели победничката Пепита

by Fokus

Младата валандовчанка Пепита Бојкова која во неделата победи на 35-то издание на фолк фестивалот Валандово 2022, за ,,Фокус” раскажува дека се уште е под импресии од настанот.

Релативно кратко време е на сцената и настапува заедно со Астра Бенд, млада мајка е, и како што вели, голема тремаџика.

-Иако уште од мала сакав да пеам и танцувам, и подолг период сум активна со бендот, сепак сум голема тремаџика. Секогаш пред настапи си правам визија во глава како ќе излезе настапот, како ќе се претставам, дали ќе им се допадне на луѓето, и во принцип се поминува супер, а јас само си приредувам да имам уште повеќе трема – вели Пепита.

Таа пред околу три години си ја испроба среќата на популарното регионално музичко шоу ,,Ѕвездите на Гранд”, но не продолжи понатаму поради критиките од жирито, односно од Јелена Карлеуша, за недоволна енергија на настапот. Тогаш Пепита настапи со песни од Нина Бадриќ и Гоца Тржан.

-Појавувањето на ,,Ѕвездите на Гранд” беше убаво искуство, иако имав премногу трема. Секако, потешко беше да се настапи сега во родниот град каде сите те познаваат, и сите го очекуваат најдоброто од тебе.
Се надевам дека со оваа победа ги исполнив нивните очекувања и благодарна сум за поддршката – вели пејачката.

Додава дека победата за песната ,,До мојот последен здив” ја посветува на родното Валандово, на сопругот и ќерката, како и на фамилијата која секогаш и била најголема поддршка.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости